Занзибар - остров во Индиски Океан, составен дел на Танзанија

Занзибар е полуавтономна област и остров во Индиски Океан, покрај источниот брег на Африка, кој е составен дел на Танзанија. Најголемиот град на островот е истоимениот Занзибар. Островот е административно поделен на три региони - северен, јужен и западен. Во состав на областа се и островот Пемба и низа помали од него. Изграден е претежно од корални гребени, а географската ширина, малата надморска височина од 125 метри и монсунските дождови ја одредуваат климата. Овде просечната температура во јануари е 28, а во јули 23 Целзиусови степени. Мирисот на ванила, цимет и какао слободно можат да се наречат и мириси на Занзибар. Овој остров е познат по своите зачини и по тиркизното море, кое во комбинација со белиот песок нѐ поттикнува да се чувствуваме како да сме залутале во своите најубави соништа. Откако ќе го посетите природното живеалиште на делфините и ќе ги видите локалните села, со куќи од камен и кал, плантажите со зачини и ќе го запознаете подводниот свет, каде што можат да се сретнат баракуди, туни, сипи, јастози и повеќе стотици видови разни други риби, слеаноста со природата сигурно ќе ви остави најголем впечаток.
И самото негово име е полно со егзотика, бидејќи според милиони туристи што биле тука, Занзибар е остров од бајките. 
Сепак, Занзибар има мрачно минато за кое многумина не знаат. Тоа е врзано за робовите, од кои повеќето завршиле во Велика Британија и во Америка. Во градот сѐ уште постојат старите фарми за робови. За туристите Занзибар е евтино место со прекрасни плажи, кои го прават рај на Земјата. 
Занзибар денес е место што важи за една од најромантичните дестинации за незаборавен меден месец. Овде можете да пронајдете прекрасни хотели на самата плажа и удобни приватни куќи, кои ќе ве остават без здив со својата убавина.

Галерија

Поврзани блог статии