Прошетки што не смеете да ги пропуштите во Хургада

Некогаш мала рибарска населба, Хургада денес важи за најубавиот туристички комплекс на Египет. Дури и да останете тука цело лето, гарантираме дека нема да ви биде здодевно. Но бидејќи деновите од одморот се избројани и летаат со светлосна брзина, ви претставуваме дел од локациите што задолжително треба да ги вклучите во својот распоред.
 
1. Островите Гифтун
Ова е една од најпопуларните екскурзии со бротче за туристите што доаѓаат во Хургада. Белите песоци и тиркизната вода околу ненаселените острови се идеална сценографија за да ги впиете сончевите зраци, пред да се нурнете во живописниот подводен свет. Дури и да не сте по нуркањето, коралните гребени се сосема достапни и го опкружуваат брегот, па ќе можете и од површината да ја запознаете убавината на Црвено Море. 

2. Островите Магавиш и Махмија
Магавиш е уште едно место што важи за врвна нуркачка локација. Совршено за да се искуси подводниот свет, за пливање со делфини или едноставно за уживање на песокот. Истото важи и за Махмија, мало парче од рајот сместено на Земјата. Тука не може да ви стане здодевно излежувањето на песокот, а коралните гребени ви се буквално на дофат на рацете.

3. Теснецот Губал
Овој морски теснец се протега меѓу брегот на Црвено Море на кој лежи и Хургада и Западниот брег на Синајскиот полуостров. Станува збор за уште една омилена локација на нуркачите, лесно достапна ако летувате во Хургада. Разликата во однос на претходните е во тоа што овие води се преполни со остатоци од потонати бродови, што на нуркањето му дава мистична димензија. Теснецот Губал изобилува со корални гребени и уште во древни времиња им било тешко на морепловците да управуваат низ нив. Оттука и не е чудо што дното е покриено со остатоци од бродови. Најпознатиот потонат брод во Египет е Тристлгорм, товарен брод од Втората светска војна, кој го открил францускиот истражувач Жак Кусто додека ја истражувал областа во 1950-тите. Остатоците од него се наоѓаат токму на дното на Губал.

4. Подморницата Синдбад
Ако не сакате да ги намокрите стапалата, а сепак сакате да ѕирнете во подводниот свет на Црвено Море, тука е туристичката подморница Синдбад. Ги носи патниците на длабочина од 22 метри и им нуди глетка што не се заборава – импресивни корални гребени и разновиден морски свет.

5. Аквариумот на Хургада
Откако ќе се вратите од нуркачка авантура, веројатно ќе посакате повторно да ги видите и да ги запознаете морските жители што ги сретнавте. Тоа може да го направите во Аквариумот на Хургада, кој се наоѓа во северниот дел од градот, Ад-Дахар. Оваа прошетка со сигурност ќе им се допадне на децата, но речиси и не постои возрасен што може да остане рамнодушен при посетата на аквариумот.

6. Пристаништето на Хургада
Совршен крај на денот исполнет со авантури. Овој дел од Хургада е луксузно и модерно дополнување на центарот на областа Сигала и, всушност, тоа е главна дестинација за јадење. На зајдисонце, ова е омилено место за прошетка на туристите што сакаат да ги впијат и последните сончеви зраци пред да се упатат во некој од многуте ресторани и кафетерии на вечера или на пијачка. Вечера со поглед на закотвените јахти и Црвено Море испружено на хоризонтот пред вас – обидете се да замислите подобро!