Туристички атракции во Турција

Плодни долини, археолошки наоѓалишта и преубави плажи, величествени планини, надреални пејзажи и превкусна традиционална храна – толку многу нешта ни паѓаат на памет кога ќе се спомене Турција. Знаете ли дека во оваа земја што се протега на два континенти се наоѓаат остатоци од дури две светски чуда од стариот свет – Мавзолејот во древниот град Халикарнас, денешен Бодрум, и Храмот на Артемида во Ефес? Британски „Телеграф“ ја стави оваа земја на прво место на листата топ 20 дестинации што мора да посетат во 2018 година, а повеќе туристички листи ја вбројуваат меѓу десетте земји на светот каде што добивате најмногу за парите што ќе ги потрошите.
 
Постојат толку многу атракции, природни убавини и локалитети што вреди да се видат. Овојпат нема да ви зборуваме за убавните на Истанбул зашто само за нив може да потрошиме цел ден. Ви претставуваме девет локации што мора задолжително да ги имате на ум, особено ако планирате ова лето да се сончате на плажите во Турција.
 
1. Античкиот град Ефес
Се наоѓа кај гратчето Селчук, на само половина час возење со автомобил од Кушадаси. Од некогашниот економски центар денес се зачувани остатоци. Меѓу другото може да се видат делови од Големиот амфитеатар, Библиотеката на Целс и од Храмот на Артемида. За зависниците од адреналин, препорачуваме скајдајвинг или разгледување од авион од аеродромот во Селчук. Така ќе ги видите од птичја перспектива античките чуда, но и плажите во околината и целиот Кушадаси. Оваа авантура ќе добие посебно место во вашите спомени за Турција.
 
2. Проѕирните води на Олудениз
Овој мал рај ви е познат како Сината Лагуна, но неговото име – Олудениз – преведено буквално од турски значи „мртво море“. Го добило зашто овде водата е толку мирна, дури и кога има невреме речиси не се поместува. Малото селце и туристичкиот комплекс се наоѓаат недалеку од Фетије, на Тиркизниот Брег, каде што се спојуваат водите на Егејско Море со Медитеранот. Лагуната е природен резерват. Во Олудениз ви препорачуваме летање со параглајдер од планината Бабадаг и нуркање во неверојатно сините води. Сината Лагуна се наоѓа на помалку од 3 часа возење од Анталија, па задолжително посетете ја доколку летувате тука.
 
3. Патара – најдолгата плажа во Турција
Песочната Патара се протега речиси 18 километри во должина. Целиот пејзаж е величествен, но ако имате среќа да се поклопат зајдисонцето и изгревот на месечината, е тоа е магија! Она што е значајно за Патара е што низ годините успеала да ѝ се спротивстави на комерцијализацијата. Не е претворена во луксузни рисорти, но затоа е место за мирна релаксација. Причините што овде нема луксузни хотели се античкиот локалитет, кој е заштитен, и големите морски желки кои се загрозен вид, а тука ги полагаат своите јајца веќе 40 милиони години. Задолжително вклучете ја во екскурзијата до Олудениз.
 
4. Историскиот Сиде
Ова е едно од најпопуларните места на брегот на Турција. Се наоѓа на полуостровче кое е само 300 метри широко и 800 метри долго. На толку мал простор се наоѓаат изобилство археолошки пронајдоци како што се амфитеатар, Храмот на Аполон и Храмот на Артемис. Наспроти античките старогрчки и староримски структури стојат модерните луксузни хотели и рисорти. Велат дека морската храна е најсвежа токму овде.
 
5. Памуккале – волшебниот дворец од памук
Невозможно е да се долови овој природен воден рај, едноставно треба да се види. Иако се наоѓа на оддалеченост од околу три часа, помалку или повеќе, од крајбрежните летувалишта, вреди да одвоите време и да го посетите. Овој дворец од памук се состои од низа бели плитки скалести базени, омеѓени со сталактити и исполнети со минерална вода со вонземска сина боја. Се нижат една над друга во должина од околу 70 метри. Ова ремек-дело го креирале потресите на земјата кои се чести во овој регион, поради кои топлата вода што изобилува со калциум карбонат избива на површината и ги исполнува терасите. Има 17 извори, а температурата на водата се движи од 35 до 100 Целзиусови степени и, кога се таложи, ги образува сталактитите. На врвот на овој бел дворец се наоѓа античкиот град Хиераполис со археолошки остатоци од Стариот Рим.
 
6. Подземните градови на Кападокија
Една од врвните атракции на Турција е токму Кападокија. Се наоѓа на 200 километри североисточно од Анкара, на површина од 80 квадратни километри, меѓу три изгаснати вулкани – Ерџиес, Гулдаг и Хасандаг. Создавана е благодарение на вулканската активност во регионот во период подолг од милион години. Во вајањето на камените структури, изградени од стврднат бел пепел, помогнале и силните ветрови и обилните дождови. Резултатот е импозантен пејзаж што остава без здив. Сепак, мора да се напомене дека печат оставила и човечката рака. Древните жители на Кападокија со примитивни орудија ги делкале меките карпи и во нив ги граделе своите домови. Подоцна и христијаните, бегајќи од Римјаните, почнале тука да се населуваат. На ова подрачје се откриени 38 подземни градови и повеќе од 600 цркви и манастири сместени во вулканските карпи. Кападокија може да ја истражувате на коњ или со воздушен балон.
 
7. Вечниот пламен на Химера
Ако летувате во Анталија, ќе треба да си направите распоред за да ги посетите сите атракции во околината – древниот Фаселис, стариот град Калеичи, водопадот Дуден, скршеното минаре, пештерата Караин... Ние ви препорачуваме посета на планината Химера, позната по вечниот пламен кој може да се види и денес. Во антички времиња пламенот на Химера ги спречувал морнарите да удрат во карпите. Самото име Химера значи вечен пламен. Областа се состои од дваесетина отвори што исфрлаат гасови, кои се палат сами од себе и горат. Нормално, најдобро се видливи ноќе, па ако тргнете на вечерна екскурзија, не заборавајте да си понесете батериска светилка. Вечните пламени на Химера се наоѓаат над Храмот на Хефест и претставуваат еден од најнеобичните природни феномени на Земјата.
 
8. Плажата Истузу и делтата на реката Далјан
Топлите, златни песоци на Истузу се протегаат во должина од неколку километри, па местото е идеално за сончање. Се наоѓа на околу час и половина возење јужно од Мармарис, водите тука се плитки и релативно топли, па нема да ви се излегува од вода. Големите морски желки се обележје на Истузу и поради нив целата област е заштитена. Во непосредна близина се наоѓа и делтата на реката Далјан, каде што се наоѓаат Ликиските камени гробници што датираат 400 години пред нашата ера. Овде туристите доаѓаат за бањите во лековита кал во Султаније, богати со сулфур. Се верува дека високите температури, кои достигнуваат 40 Целзиусови степени, лекуваат различни заболувања, а кожата ја прават ултрамека.
 
9. Мавзолејот во Халикарнас
Мавзолејот во Халикарнас е едно од седумте светски чуда на античкиот свет. Го нарачал кралот Мавзол, кој немал големи воени успеси, но сакал да биде запаметен по нешто. И успеал, иако не го дочекал крајот на изградбата на своето ремек-дело. Мавзолејот имал правоаголен облик и димензии 66х77 метри. Вертикално, споменикот бил поделен на три целини. Првиот спрат бил висок 20 метри и тоа било гробница за Мавзол и за неговата сопруга. Ова ниво било обложено со мермерни релјефи. Дел од тој мермер се чува во Британскиот музеј во Лондон. На мермерот била претставена борба на Грците и Амазонките. Второто ниво била колонада од столбови високи 12 метри и тој простор служел како храм. Третото ниво е во форма на пирамида и е своевиден покрив на ова здание. Мавзолејот се ноаѓа во денешен Бодрум, па имајте го тоа на ум ако летувате таму. За жал, од него денес се зачувани само остатоци.