Верона - асоцијација за љубов

Верона насекаде низ светот е асоцијација за љубов. Сагата за Шекспировите Ромео и Јулија оставила траен печат на овој град. Сепак, Верона има многу повеќе да понуди од само љубовен мит.

Верона е непретенциозна, ведра, релаксирана, едноставно - пријатно изненадување. Токму во овој северно-италијански град се наоѓа втората по големина арена во Италија, после Колосеумот во Рим.  Арената во Верона е импозантно здание, во кое некогаш се одржувале гладијаторски борби, а денес е седиште на најголемите спектакли. Арената е лоцирана на еден од најпознатите плоштади во градот, Piazza Bra, простран плоштад преполн со барови и ресторани. Пешачка уличка Via Mazzini е срцето на градот и негов најелегантен дел. Таа ве води од последното “крило” на градските ѕидини до Piazza Erbe. Овој живописен плоштад истовремено е центар на значајни градби и скулптури, но и популарен градски пазар. Околу тезгите со разнобојни овошја и сувенири се наоѓаат многу познати скулптури, фонтани и зданија: Мадона Верона, Кулата Ламберти, прекрасната барокна палата Palazzo Maffei... Куќата на Јулија е најголемата туристичка атракција во Верона. Според некои историчари, куќата навистина припаѓала на фамилијата Капулети и датира од XIII век. Легендата вели дека за плодност треба да ја допрете десната града на статуата на Јулија, а за верност нејзината рака... Препорачуваме прошетка покрај реката Адиџе и поглед на градот од најубавиот мост, Понте Скалиџеро. Паузата за ручек искористете ја за порција паста на Ербе и потоа капучино на Бра, со поглед на Арената. Уживајте!