Венеција - градот од соништата

Венеција, градот од соништата. Зарем некој можел да помисли дека е возможно да се живее на вода?! Венеција е најспецифичниот град на светот, град-чудо. Низ вековите била најмоќното медитеранско пристаниште, а и денес нејзиното значење и влијание воопшто не е намалено. Венеција едноставно плени со своите разобојни палати, канали, безброј мостчиња, тесни улички, мали плоштади... Трагата на вековите што изминале е впиенa во секој нејзин дел. Посетете ја Дуждевата Палата и уверете се во моќта и сјајот на владетелите на Венеција. Мостот на Воздишките е врзан за многу легенди, но вистината за него е многу поинаква од првата љубовна асоцијација...  Црквата Св.Марко и огромниот истоимен плоштад се срцето на Венеција, каде што се почнува и завршува, па и волшебниот Венециски Карневал.

Најголемата туристичка атракција сепак не е и најкарактеристичниот дел на градот. Симбол на Венеција, многу повеќе отколку златниот Св.Марко, e најромантичното превозно средство - гондолата. Дозволете си романтична прошетка со гондола низ живописните канали и невообичаен поглед на прекрасниот мост Rialto, кој ги поврзува шесте квартови наn Венеција, распослани на двете страни од Canal Grande... за момент застанете и запловете со мислите низ просторот и времето, можеби затскриени зад некоја раскошна венецијанска маска. Залудно е да се набројуваат имиња на уметници или морепловци, за да се долови големината на овој магичен град. Неговата големина, е самиот тој! Венеција, едноставно, мора да се доживее, а воодушевувањето гарантирано нема да изостане...