Париз - градот на светлината

Париз, градот на светлината... или нешто многу повеќе. Имајќи ја сета своја историја, архитектура, уметност, култура и живот кој плени со својата динамичност и космополитност, како ретко кој град на светот го зазема своето место во срцето на секој негов посетител. Вљубеноста во Париз не е само последица или чувство на некоја уметничка душа која во него ја нашла својата инспирација за дел од своето творештво. Таа вљубеност може да ја почувствува секој намерник кој притиснат од своето секојдневие, во моментите на престој во овој град, ќе се изненади од сета широчина и богатство на видици кои пред него, тој ги отвора... Париз ги напаѓа сите сетила и бара да го видите, чуете, допрете, вкусите, помирисате... Видете ги импресивните споменици и вкусете ги гастрономските волшепства: пикантно француско сирење, чоколаден мус, црвено вино...

Париз е град со широки видици и интимни улици, средени паркови и тивки плоштади. Иако е голема метропола, во Париз можете да стигнете од една до друга знаменитост пешки. Париз е неверојатно шаренило од архитектонски стилови, кои ја отсликуваат фасцинантната историја на градот, низ 2.000 години еволуција.  Mожеби најмногу ќе ви се допадне готската градба на познатата катедрала Notre Dame, а за оние кои претпочитаат помалку раскош и чисти линии, Триумфалната Капија... Започнете со најдоброто од Париз: шик доживување на познатите Елисејските Полиња (Champs-Elysees)! Од секоја пора на градот извира една карактеристична глетка: импозантната Ајфелова кула, која, секако, е симболот на Париз. Ова колосално здание се издига на панорамата на градот и претставува нераскинлив синоним за Париз, од нејзината изградба во 1889 г. Авантурата наречена запознавање на Париз продолжува со плоштадот Конкорд на кој гордо се издига 3.300 г. стариот обелиск, донесен од Египет; Операта Гарние, едно од главните обележја; плоштадот Вандом, центарот Бобур, Sacre Coeur... Домот на Инвалидите- Воениот Музеј, вечното престојуваиште на Наполеон, прекрасната глетка на Ајфеловата Кула од Трокадеро и неговите музеи... Од овие фасцинантни глетки здивнете со француски кроасан во некој шармантен ресторан, а потоа романтична прошетка покрај мостовите на Сена, секој со своја приказна...