Факти и приказни за Црвено Море

Црвено Море е дестинација од соништата за многумина, место создадено за љубителите на сонце, плажи и забава од целиот свет. Тука ќе најдете неверојатни плажи со златен песок и кристална проѕирна вода која крие цел еден шарен корален свет. 
 
1. Се претпоставува дека името го добило поради тоа што во него живеат цијанобактериски алги, кои откако ќе прецветаат, му даваат црвено-кафен тон. Бојата не е интензивна и варира на различни делови на оваа голема водна површина. Сепак, она што туристите го гледаат од своите рисорти е бескрајно тиркизно синило.
 
2. Во Библијата, Црвено Море се спомнува во Книгата за егзодусот, каде што се опишува како Мојсеј и бегалците Израелити биле притиснати меѓу фараонските борбени двоколки и водата именувана како Црвено Море или Море од трски. Се вели дека се случило чудо и силен источен ветер дувал цела ноќ раздвојувајќи ја водата, односно оставајќи сува земја со водни ѕидови од двете страни. Израелитите така можеле безбедно да преминат на другиот брег. Кога војската на египетскиот Фараон се обидела да ги гони утрото, водата се вратила и војниците се удавиле. Повеќепати досега научници се обидувале да го објаснат овој феномен. Некои тоа му го припишуваат на цунами кое предизвикало повлекување и враќање на водата, други го спомнуваат „феноменот на ветерот“ при кој силен, постојан ветер може да го намали нивото на водата на едно, а да ја натрупа на друго место. Група американски научници пред извесно време со симулација покажаа како може ветерот да го отвори морето и да создаде премин по сув песок. Тие велат дека, штом ветерот ќе се смири, водата веднаш се враќа.
 
3. Познато е по голем број спектакуларни нуркачки локации како што се Рас Мухамед, потонатиот брод СС Тристлгорм, гребените Елфинстон, Дедал, Сент Џон, Карпестите Острови во Египет итн. Исто така, голем број вулкански острови се издигнуваат во средиштето на ова море. Повеќето се заспани вулкани.
4. Црвено Море е продолжение на Индиски Океан, кое се протега меѓу Африка и Азија. Со Индиски Океан се спојува преку теснецот Баб ел Мандеб и Аденскиот Залив. На север завршува со заливот Акаба и Суецкиот залив, од каде што преку Суецкиот канал се поврзува со Медитеранот. Овие двата заливи го формираат Синајскиот Полуостров.
 
5. На Црвено Море излегуваат Израел, Јордан, Саудиска Арабија и Јемен на источниот брег и Египет, Судан, Еритреја и Џибути на западниот. Во должина се протега 2.250 километри, додека најширокиот дел е 355 километри, со површина од 438.000 квадратни километри и водна површина 233.000 кубни километри.
 
6. Максималната длабочина изнесува 2.211 метри, додека просечната е 490 метри под морското ниво. Интересно е што дури 40 отсто од морето е доста плитко – под 100 метри и околу 25 отсто под 50 метри. Просечната температура на водата во лето е 26 Целзиусови степени во северниот дел и 30 степени во јужниот. Варијацијата во зимските месеци е само околу 2 степени.
 
7. Црвено Море е едно од најсолените на светот, што се должи на високиот степен на испарување. Соленоста варира меѓу 3,6 и 4,1 отсто. Неговите води изобилуваат со исклучително разновиден шарен свет, што се должи во голема мера на коралниот гребен долг 2.000 километри, кој се протега покрај самиот брег.