Сивота - бисерот на Јонскиот брег

Сивота се наоѓа на само дваесеттина километри патување од познатото пристаниште Игуменица, по локалниот пат покрај јонскиот брег кон познатата Парга. Можеби токму близината на овие познати градови, на Сивота и додаваат само дополнително значење, во сета нејзина посебност како единствено место кое има свој сопствен архипелаг од островчиња. Природно заштитена од страната на копното, со повеќе ридови и планински масив, таа се отвора кон морето со сета своја разиграност, на мноштвото заливи, полуострови и острови со кои природно располага. Како амбиентот, така и годините, на Сивота и овозможиле да се најде на низата туристички карти кои ги поседуваат само вистинските вљубеници во морето и неговите тајни богатства. Нејзината марина, ограничениот но квалитетен капацитет за сместување, несекојдневните вонпансионски понуди, како и богатството од мирни и интимни плажи... со време и овозможиле да ја изгради својата посебност за сите оние кои токму тоа и го бараат од одморот. 

Места во близина на Сивота:
   
ПИСИНА
Помеѓу трите острови што ја опкружуваат Сивота, има бројни заливи со прекрасни плажи, а најпозната од овие плажи е секако Писина (на грчки јазик, Писина значи базен). Главната карактеристика на оваа плажа е кристално чиста вода. До Писина   може да се стигне само со брод кој може да се изнајми во пристаништето по цена од околу 50 € за целиот ден. За возење со брод не е потребна  возачка дозвола доколку бројот на патници е помал од 5 лица. Друга опција е превоз со бродче ( цена околу  5€ по лице), бродчето кружи преку цел ден околу островите околу Сивота.

ГАЛИКОС МОЛОС (Gallikos Molos)
Најлесен начин да стигнете до плажата Галикос Молос е да го следите патот покрај морето од малото пристаниште во Сивота. Плажата е тесна и камчеста. На плажата има мала таверна и двор каде има природна сенка, со консумирање на пијалок добивате бесплатно користитење лежалка и чадор. Морето е генерално топло и е погодно за семејства со деца.

ЗЕРИ
Плажата Зери се наоѓа зад плажата Галикос Молос, плажата е камчеста, именувана по традиционалната турска таверна која се наоѓа на плажа каде можете да седнете на ручек или кафе. Оваа плажа е камчеста и на мали делови песочна. Зери се состои од два дела. Зад плажата има воден парк со неколку тобогани. Исто така на оваа плажа има и паркинг. Водата е топла.

БЕЛА ВРАКА
Неверојатна плажа!!! Дефинитивно треба да ја посетите. Плажата во основа е островот Муртемено.  До овој остров можете да пристигнете со преминување на морето пешки каде водата достигнува до колена.  На оваа плажа нема да најдете ништо за јадење и пиење. Пред да ја посетите ви препорачуваме да си понесете освежителни пијалоци и храна. За љубителите на мирни плажи, оваа е совршен избор.
   
ЗАВИЈА 
Песочната плажа на Завија се наоѓа во мал залив, надвор од Сивота, во правецот кога се упатувате кон Пердика. Оваа плажа е препознатлива по својата кристално чиста вода и прекрасниот амбиент што ја опкружува. Посебна привлечност на оваа плажа се изворите на вода за пиење лоцирани на плажата, така што морето овде е постудено во споредба со другите плажи околу Сивота... Во позадина на плажата има бар каде што можете да се освежите со пијалок. Има место за паркирање на автомобили во сенка на борова шума.

MEGA AMOS (Најголемата плажа во Сивота)
Мега Амос е најголемата и најубава плажа во овој регион, наградена со сино знаме,  сместена надвор од Сивота кон Пердика. Оваа плажа ја обожаваат главно помладите туристи поради многубројните  кафе-барови и поради што на оваа плажа се организираат забави во текот на летните месеци јули-август. Плажата МЕГА АМОС е песочно камчеста со одлични услови за спортови на вода. Напомена водата е ладна и има камчиња.

MIKRI AMOS
Многу убава плажа, средна големина, веднаш по плажата Мега Амос, со кристално чисто море и песок, многу маслинови дрвја, во прекрасен амбиент. На брегот има мал бар, каде што можете да се напиете кафе или сок, коктел, па дури и да уживате во убав и вкусен оброк. Плажата е организирана со лежалки и чадори кои се поставени на песокот, но и на тревата над плажата. На оваа плажа има одбојкарски терен. Има одличен пристап и помал паркинг. Во близина може да ги најдете сите удобности и услуги што ви требаат за да поминете пријатен ден. Микри Амос дефинитивно вреди да се посети заради незаборавниот пејзаж и чистото море.

МЕГА ДРАФИ  (MEGA DRAFI)
Оваа плажа се наоѓа на 10 км од Пердика. Мала плажа поделена со рид кој што се спушта во морето, песочно-камчеста со околната вегетација е идеално место за релаксација и одмор. Пристапот до плажа е одличен, има лежалки. Плажата е лесно достапна со автомобил, а автомобилите може да ги паркирате од двете страни на магистралниот пат. На оваа плажа има кантина (мала продавница) со основни пијалоци и закуски.

КАРВОУНО  (KARVOUNO BEACH)
Оваа плажа се наоѓа најблиску до пристаништето, оддалечена околу 600 метри, на одлична локација во бујна вегетација. Плажата е организирана, со лежалки и чадори со ресторан и бар во близина каде можете да уживате во одлична храна во секое време од денот. Наутро можете да имате богат појадок или разни закуски и сендвичи, за ручек можете да се одлучите за салати и мезе, а за вечера можете да нарачате специјалитет како - свежо фатена риба од локалните рибари. Нема ништо поубаво од вечера со свежо подготвена риба и прекрасно зајдисонце. Плажата е убава за мали деца затоа што морето е плитко и исклучително топло за да можат децата да останат во морето долго време.

КАРАВОСТАСИ (KARAVOSTASI BEACH)
Оваа плажа е широка 2 км  со кристално чисто море, мирен амбиент, див пејзаж и  таверна на едниот крај, сместена во заливот, недалеку од пристаништето.
Плажата Каравостаси е трета плажа на подрачјето на Пердика, а се наоѓа на околу 16 км од Сивота и 7 км од Пердика. Заедно со соседната плажа Арилас формираат целина. Плажите се песочни, при што плажата Арилас е многу потесна и помала од плажата Каравостаси. Градот Пердикас на Јонското Море е една од најпосетуваните туристички дестинации во регионот на Тесротија. Пердика го добила своето име врз основа на изгледот од воздух, што наликува на гулаб во лет, и има околу три илјади жители.
Плажата е совршена за пливање во чисто море, опремена е со лежалки и чадори, а нејзините волшебни фотографии можат да се најдат на сите познати туристички водичи во Грција. На северниот крај, на самиот рид над плажата, на околу 500 метри, доминира хотелот „Regina Mare“ и во тој дел е можно да се користат некои од водните спортови (кануа). Од плажата Каравостаси можете да ги видите грчките острови Паксос, Антипаксос и Крф, до кои може да се стигне со траект. Оваа плажа е препорачлива за семејства со деца.
   
АГИЈА ПАРАСКЕВИ (AGIA PARASKEVI)
Поради својата уникатна убавина, оваа плажа не смее да се пропушти. Како плажа број еден на подрачјето на Пердика, се наоѓа на околу 5 км од Сивота и 9 км од Пердика. Агија Параскеви  е доста голема плажа организирана со лежалки и чадори, ресторан и кафулиња. Морето е прилично топло и од нејзиниот брег може да видите прекрасно зајдисонце зад островот Крф.  Таа е несомнено најживописната плажа во околината на Пердика, која има своја црква, на врвот на ридот, по што го добила своето име. Исто така има мал остров во близина на нејзиниот брег до кој може да се стигне со пливање. Островот не е населен а на него имало црква пред многу години. Водата не е длабока и содржи малку груб песок во комбинација со чакал. Лесно е достапна со автомобил.

ДЕИ
Плажата Деи се наоѓа по плажата Зери на излезот од Сивота, водата е топла, плажата е со мали камчиња. Од оваа плажа се гледа островот Крф.  На плажата Деи има многу природна сенка односно голема маслинова градина која ја   опфаќа скоро целата плажа. На плажата има таверна, кафе бар, чадори и лежалки ...
Одма до оваа плажа има помала плажа  наречена „Канапче“, многу интимна  а до неа може да се стигне со помош на јажиња!  Канапче е дива и карпеста и е  за оние кои сакаат мир. Доколку сакате да ја посетите препорачливо е да носите соодветни обувки за во вода бидејки има карпи и морски ежови.

СИНАТА ЛАГУНА(Blue lagoon beach)
Сина лагуна е егзотична плажа со чиста вода. Лоцирана е на островот Агиос Николаос. Пристапот е можен само со брод или превозни чамци кои се наоѓаат на пристаништето Сивота. Морето е прилично ладно, но изборот да ја посетите оваа плажа ќе ви остане незаборавно искуство бидејќи ќе имате чуство дека сте посетиле егзотична плажа.
   
ПЛАКАРИС (Plakaries Beach)
Кристално чиста песочна плажа со сино-зелени води која што можете да ја посетите само со брод.