10 Причини за посета на Турција

Кристално чисти води и рајски плажи, високи планини, антички локалитети, мали идилични села и големи космополиткси градови. Да не ја заборавиме храната! Турција е на врвот на листата на нашите омилени туристички дестинации. Ви претставуваме 10 причини поради кои треба да ја посетите Турција. Уште ова лето – не одлагајте!

1. Два континенти во еден ден
Колку градови ви овозможуваат да појадувате во Европа и да ручате во Азија? Ако го посетите Истанбул, ќе може да го направите токму тоа, бидејќи овој космополитски град се протега на двете страни на Босфор, на два континенти. Секако, тука се и неброените туристички атракции што треба да ги видите во овој град.

2. Неверојатна храна
На крстопат меѓу мноштво култури, не е чудо што турската кујна изобилува со вкусови. Тука е собрано најдоброто од азиската, европската и блискоисточната кујна и поради тоа турската гастрономија е еден од најуспешно извезуваните продукти на земјата. Можеме да ви раскажуваме цел ден, но за да пробате совршен ќебаб, ќофте, мезе, баклава, дондурма, цел свет од десерти... ќе мора сами да ја посетите оваа прекрасна земја. Турција има мноштво отворени продавници и базари каде што може да пробате традиционални деликатеси. Не заборавајте да си купите нешто и од пазарот на зачини.

3. Рајски плажи, кристална вода
Кушадаси, Анталија, Бодрум, Измир, Фетије ги имаат некои од најубавите плажи во Турција со спектар содржини што вклучуваат изолирани заливи до луди журки на плажа. На вашата листа на желби додадете ги Олудениз, Долината на пеперутките, Кабак... Прекрасно искуство ќе имате ако појдете на крстарење со бротче или гулет, како што ги нарекуваат Турците.

4. Љубезни и пријатни домаќини
Жителите на Турција се познати како широкогради домаќини. Важат за исклучително љубезен народ. Ќе стекнете нови пријатели, кои ќе ве поканат во својот дом за да пробате нешто вкусно или да се напиете чаша чај. Секогаш се расположени да ви помогнат ако ви треба помош или да ве упатат во вистинскиот правец.

5. Турски бањи
Традиционалните турски бањи или амами се искуство што не сакате да го пропуштите. Можете самите да се триете и да уживате во балоните од сапуница или, пак, тоа да го прави некој за вас, дополнето со масажа за паметење. Кожата ќе ви биде помека од секогаш.

6. Археолошки локалитети и одлични музеи
Сведок на многу империи и цивилизации, Турција изобилува со многубројни археолошки наоѓалишта низ целата територија и секое од нив има своја приказна. Од палатите и џамиите на Истанбул, до подземните градови на Кападокија, оваа земја е рај за вљубеници во археологијата и во историјата. Со толку богата историја, не е чудо што Турција има и мноштво фантастични музеи – од Музејот на отоманските палати во Истанбул до Музејот на најголемиот мозаик во светот во Газијантеп и илјадници други.

7. Архитектура VS чуда на природата
Турската архитектура е за восхит и вклучува историски цркви, древни џамии, камени палати и современи зданија. Наспроти големите градови како Анкара, Истанбул и Измир, Турција има и мноштво природни локалитети кои со право ги нарекуваат чуда на природата. Веројатно на самиот врв се травертинските тераси на Памуккале, вечниот пламен на Химера. Всушност, речиси во цела Турција, во секој нејзин дел, може да се најде по нешто за сечиј вкус – искачување на карпи, нуркање, истражување кањони, летање со балон...

8. Пробајте наргиле
Наргилето е дел од турската традиција. Дури и да не сте пушач, веројатно барем еднаш ќе се најдете во некаква чајџилница или ќе седнете на кафе со локални жители. Сето тоа задолжително е во комбинација со овие ароматични „водени лулиња“. Придружете им се на локалните жители, правете како што прават тие, дружете се и забавувајте се.

9. Базарите се приказна за себе
На базарите врие како во пчелина кошница. Брзаницата и возбудата, мирисите, луѓето и енергијата на овие места се феноменални. Од Големиот базар на Истанбул до потивките каде што има помалку туристи, сите се одлични и заслужуваат да ги посетите. Тука ќе најдете буквално сè што ќе замислите. Задоволни ќе бидете – со гаранција! И сигурно ќе си купите нешто.

10. Најголема вредност за парите што ќе ги потрошите
Во Турција добивате најмногу за вашите пари. И покрај тоа што станува збор за дел од Европа, цените се пониски во споредба со преостанатите европски дестинации. Квалитетот на сместувањето, храната, превозот и локалитетите што ќе ги посетите, дефинитивно вредат за парите што ќе ги потрошите.