Постојнска пештера

Постојнска пештера е најпознатата пештера во светот. Истовремено е најважна туристичка знаменитост на Словенија и еден од најголемите карстни споменици во светот. Тоа е единственото место во светот, каде што можете да се движите со подземен воз и одблизу да ги разгледате најславните жители на тоа подземно кралство – човечкките рипки (вид на пештерски дождовник, кој живее во темни средини со температура на воздухот од околу 10  ̊C. Името потекнува од бојата на кожата која е слична со кожата на човекот. Човечката рипка нема развиено вид, но затоа пак има добро развиен слух и мирис. Може да порасне во должина до 30 cm, а додека нејзиниот животен век трае до 70 години).
Фантастичниот сплет на тунели, ровови, галерии и ходници, неверојатната разноликост на карстните појави и лесниот пристап се главната причина за исклучителната популарност на пештерата и големиот број на посетители (повеќе од 39 милиони во приближно 200 години).

Пештерата Постојна претставува сложен пештерски систем формиран од четири пештери, Постојнска Јама, Пивка Јама, Црна Јама и Магдаленска Јама. Во геолошки поглед пештерата е формирана долж два раседа. Од една страна има флишни седименти, а од друга варовници. Инаку, пештерскиот систем е формиран со понирањето на реката Пивка, која над флишот има површински карактер, а додека во варовниците продолжува како подземен водотек. Пештерскиот систем Постојнска Јама има вкупна должина од 24,1 km и претставува втор пештерски систем во Словенија, веднаш зад  пештерскиот систем Миговец, кој има должина од 25 km.
Денес во пештерата за туристички посети отворени и уредени се 5250 m, од кои 3750 m се поминуваат со воз, а 1500 метри пеш. Посетата на пештерата започнува со пештерскиот воз, а по возбудливото возење, разгледувањето на пештерата продолжува пеш кон “Велика Гора” или Големата Планина, кое е највисоко ниво во пештерата. Од таму се продолжува преку “Рускиот Мост” па се до каналот на “Лепа Јама”. Низ овој канал, кој е долг околу 500 метри, турата се движи кон Белата Сала, па потоа кон Црвената, Зимската и Шпагети Салата (сала со безброј мали пештерски украси во форма на цевчиња или шпагети, инаку овие цевчиња се почетна фаза на формирање на сталактити). Симбол на пештерата е сталагмитот “Брилијант” или “Дијамант”. Маркантен сталагмит кој со својата белина и сјајност доминира во просторот. Исто така, значајна одлика на пештерата се Концертната и Конгресната Сала. Концертната Сала е долга 47 метри, а широка 28 метри. Импозантно изгледа и Конгресната Сала која е долга 43 метри, широка 70 метри и висока 30 метри. Оваа сала може да прими и до 10 000 посетители. Посетата на Постојнска Јама завршува со Концертната Сала, од каде со вовечето се враќаме назад кон отворот на пештерата.

Дали сте знаеле дека:
- Jамската железница постои од 1972 г, додека електричнното осветлување постои од 1883 год?
- Во јамата се наоѓа најстариот подземен поштенски уред, изграден во 1899 год?
- Помеѓу 39те милиони посетители биле повеќе од 150 претседатели на држави, кралеви и императори?

Доколку одлучите сами да ги посетите пештерите, треба да знаете дека:
- Секоја посета трае 90 минути, се посетуваат пет пештерски сали.
- Првата посета започнува во 9 часот, а последната во 16 часот.
- Температурата во пештерите се искачува од 8 до 10 ̊C.
- На влезот од пештерата можете да изнајмите кабаница (палто) за 3,5 евра.
- Влезот во пештерите е 24 евра за возрасни, 20 евра за студенти, 15 евра за деца од 6 до 15 години и 1 евро за деца до 5 години.

Галерија