Тајната на Меѓугорје

Сѐ започнало на 24 јуни 1981, кога неколку деца од Херцеговина тврдат дека пред нив се појавил ликот на Марија Богородица. Потоа, неа ја виделе уште неколкумина, за тоа да добие вистинска масовна димензија. Таа продолжила да им се појавува и да им испраќа духовни пораки. Од мало планинско село, Меѓугорје станува еден од најпознатите места за аџилак, годишно привлекувајќи повеќе од 1 милион верници од целиот свет.
     
Луѓето доаѓаат да се поклонат пред статуата на Дева Марија, да се помолат, да го пронајдат својот душевен мир. Многумина се враќаат од ова свето место со приказни за чуда во форма на исцеленија на умот, телото и духот, натприродни визуелни знаци и длабоки промени кон Бога.
 
Пред неколку години, илјадници луѓе се собраа пред домот на Вицка во Меѓугорје, да сведочат на уште едно чудо, гипсена статуа на Богородица која почнала сама да свети.
Иако многу скептици со години се обидуваат да докажат дека не постои никакво чудо или тајна во Меѓугорје и дека тоа е една голема измама, ова тивко и свето место навистина вреди да се посети. Тука нема поделби. Тука не доаѓаат само католици или христијани, туку сите кои имаат потреба од духовен мир и надеж. И по жежок ден и тежок терен верниците боси се искачуваат по ридот каде на децата им се појавила Богородица.
 
Оттука заминувате со една поинаква енергија и верба.
 
Меѓугорје, како што и самото негово име кажува, е сместено измеѓу две планини, на околу 25 километри од Мостар, близу границата со Хрватска. Главен храм е црквата на св. Јаков.